Домот е изграден далечната 1938 година, реновиран помеѓу 1960-70 година од многу битолски планинари, но пред се од Планинарското друштво “Пелистер”. Се наоѓа на 1600 м.н.в. на северната страна на планината Баба или популарно Пелистер (според врвот висок 2601 м.н.в.). Пелистер е гордост, на сите вљубеници на планините, но битолчани го чуваат и негуваат со посебна љубов. Трасирани се многу планинарски патеки, направени се многу излетнички места, планинарски домови, чешми, клупи…
Како до домот?
По добар, асфалтен пат од Битола преку селата Магарево и Трново до Бегова чешма (хотел “Молика” 1420 м.н.в.) по поминати 18 километри го паркирате возилото, а потоа по планинарска патека низ шума со борови дрва и папрат за 30 минути стасувате до домот. Можно е и со жичница, ама со однапред направен договор. Домот е двокатна куќа, изградена во цврста градба од камен, малтер и дрво. Домот нуди 100 легла распоредени во 12 повеќекреветни и помалкукреветни соби, прилично уредени, а спиењето чини 200 денари или 100 денари со планинарска книшка. Има струја, вода, санитарен јазол, трпезарија, има и бифе за пијалоци и основни продукти. Домот редовно се одржува, има постојан домар и работи преку цела година.
Можни тури и прошетки: Кон врвот Пелистер 2601 м.н.в. водат две добро маркирани патеки, преку Широки и преку Болници (болници на австро-унгарската војска од Првата Светска војна). Првата патека е побезбедна, а и по двете за 3-4 часа се стасува до врвот. Оттаму, за уште 1 саат и триесетина минути до Малото Езеро (2180 м.н.в) и уште 1 час до Големо Езеро (2218 м.н.в.). Од покусите прошетки ја препорачуваме онаа до Јоргов Камен за 45 минути, Црвени Стени за 1 и 30 минути, до Палиснопје за 40 минути.
Пред домот, од пред некоја година е подигнат споменик на легендарниот Димитар Илиевски – Мурато, првиот и единствениот македонец што успеал да се искачи на Монт Еверест. Неговото име го носи еден пелистерски врв и дом, домот близу Големо Езеро. Во негова чест, неговите другари, секоја година во месец мај организираат меморијален планинарски поход. Пелистер е привлечен во сите годишни врвови, особено за зимски туризам. Во домот ќе ве пречекаат ведри битолчани, расположени за шега и песни, па сакале или не за час сте во “битолска шема”. Со домот “Копанки” управува Планинарското Друштво “Пелистер” од Битола, а телефонот е 047/222-384.

Contact Us

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Start typing and press Enter to search