ДЕСЕТТА ЈУБИЛЕЈНА ОБУКА ЗА ПЛАНИНАРСКИ ВОДИЧИ НА ФПСМ ВО КАТЕГОРИЈА А1

 In Комисија за планинарски водичи, Новости

„Надминати ми очекувања од обуката, имаше интересни предавања, добра организација и пред и за време на обуката, и пристапни инструктори.“, „Програмата на обуката е многу интензивна и набиена и без паузи. Ни недостасува повеќе време за дружење.“, „Одлично што има Подготвителна / основна школа.“, „Обуката да се одржува во планинарски домови, а не во хотели.“ Ова се дел од коментарите на кандидатките и кандидатите за досегашните Обуки за планинарски водичи во организација на Комисијата за планинарски водичи (КПВ) и Центарот за стручно образование (ЦСО) при ФПСМ.

Во мај 2022 година КПВ и ЦСО ја одржаа десеттата, јубилејна Обука за планинарски водичи во Категорија А1.

А, се започна во септември 2013 година, под раководство на Катица Гароска Ацевска, и продолжи со новите членови на КПВ. До 2022 година на 13 обуки за планинарски водичи, за летни и зимски лиценци, учествувале 365 луѓе. Од нив, 110 се регистрирани за планинарски водичи во Категорија А1 (Планинарење по лесни патеки во летни услови), а 23 се регистрирани за планинарски водичи во Категорија Б1 (Планинарење по лесни патеки во зимски услови). Од сите регистрирани водичи во Категорија А1, 30% се жени. 36 планинарски клубови имаат планинарски водичи во своите редови.

Со текот на времето се наголемуваше бројот на учесници на обуките, бројот на предмети на обуката (од 11 на 18), бројот на работни часови на обуката, бројот на инструктори и предавачи,  бројот на водичи по клубовите, а возраста на регистрираните водичи се намалуваше. Во 2017 година почнаа да се пријавуваат и кандидати од соседните земји, Косово и Црна Гора, и денес има 5 регистрирани водичи на ФПСМ во Црна Гора и еден планинарски водич во Косово.

На почеток, во 2013 и во 2014 година, во изведбата на обуките многу ни помогнаа пријателите од Комисијата за планинарски водичи на Планинарскиот сојуз на Словенија, за што ФПСМ им е многу благодарна.

Денес во КПВ, покрај активните членови, функционира и Совет на Инструктори кој помага во структуирањето и изведбата на обуките за планинарски водичи.

Во издание на ФПСМ беа отпечатени над 2.000 прирачници и брошури: „Основи на движење низ планина“, „Медицинско санитерен прирачник за планинари и алпинисти“, „Планинарење – Прирачник – Лето“, брошура „Безбедно движење низ планина“.

Recent Posts
Contact Us

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search