Во 1944 година во Скопје, од повеќе друштва во Република Македонија се оформи Планинарскиот Сојуз на Македонија. Првите почетоци на планинарството датираат многу поодамна кога се појавуваат групи планинари во Тетово и прават искачувања на Љуботен, Шапка, потоа во Прилеп каде се искачуваат на Златоврв, па Битола и Скопје.
Веќе во 1924 година се оформуваат и првите Планинарски друштва “Златоврв“ во Прилеп и во 1925 година ПД “Љуботен“ од Тетово. Тоа се доените на денешното масовно организирано планинарство во Македонија, од кое произлегоа денешните планинарски спортови.
Со текот на годините и политичките промени кои следеа, доведоа последователни промени во начинот на функционирањето на Сојузот. Така, Сојузот прерасна во Федерација на Планинарски Спортови на Македонија, Федерација која ги обединува и раководи со планинарството, алпинизмот, спортското качување, спелеологијата и спортската ориентација.
Во сето ова голем придонес за развојот на планинарството во Македонија, во рамките на поранешната Југославија, придонесува другарот и господин Даре Џамбаз, несомнено најголемата планинарска личност во Македонија. Придобивките се огромни за ФПСМ, направени од него. Изградба и лоцирање во сопствени канцелариски простории во ДХО “Даре Џамбаз“ во Скопје, изградба на повеќе од 28 планинарски домови низ цела Република Македонија, зајакнување на Планинарската организација и нејзино професионално функцинирање.
ФПСМ го раководи претседател и претседателство. Претседателството го сочинуваат претседателите и подпретседателите на петте асоцијации.
Денеска ФПСМ се препознава по асоцијациите за планинарство, алпинизам, спортско качување, спелеологија и ориентационен спорт. ФПСМ го промовира пристапот, како слободно да се вклучите кон планинарските спортови на препознатлив начин, со минимум судир со околината и средината. ФПСМ помага во заштитата на природата, планините, качувачките локалитети од уништувачкиот развој и го охрабрува развојот на локалната заедница. Овие активности ги зближуваат луѓе од различен карактер, со различно минато, различни професии, години, религии, националности и даваат можност за стекнување искуства, култури, доживување различни карактери, стекнување пријателства и важни човечки вредности.
ФПСМ има богата историска збирка на успеси на врвовите и карпите низ светот, првенства и спортски манифестации, длабоки спуштања во земјата, богата активност како промотери на соработката, мирот и штитеници на спортската перфекција.
Истотака во ФПСМ се обучуваат и кадри во сите спортови кои понатаму ја водат работата до врвно усовршување на спортистите кои се дел алпинистички експедиции, дел од светските и европските натпревари во планинарски маратон, спортско качување, качување мраз, спортска ориентација. Од друга страна од ФПСМ произлегува кадар како планинарските водичи кои се грижат за развивање на планинарскиот туризам и зближување на обичниот граѓанин до планината. За овој сегмент, планинарските водичи на Р.М, ФПСМ оформи Центар за стручно оспособување, центар кој професионално се грижи за изградување една комплексна личност-водич во планина. Центарот е мини институција за едицирање и подготвување на водичи во планина, кои најпрофесионално и најбезбедно треба да го одведат клиентот на сите Планини во Македонија.
Истотака ФПСМ како институција која ги обединува планинарските спортови е дел од Агенцијата за Млади и Спорт(АМС) и Македонскиот Олимписки комитет(МОК). Од таму, ФПСМ мора да се придржува кон пропишаните норми и правила кои ги налага Агенцијата за млади и спорт при Влада на Р.Македонија, како надлежна државна институција за спортот во Македонија.
ФПСМ од АМС добива годишен финансиски буџет за меѓународни активности. Тоа се учества на меѓународни натпревари, собири и настани на кои треба да се промовира Македонија, ФПСМ и самиот спортист. За сите активности ФПСМ, поднесува извештај за постигнатите резултати. Поголем број врвни резултати, поголем буџет.
Планината е во срцето на сите Македонци, a од таму планинарските спортови имаат долгогодишна традиција во Македонија.
Сакајте ја планината и бидете дел од планинарските спортови.
Станете член на ФПСМ.
Претседател на ФПСМ
Проф.Др.Јовица Угриновски