Титов Врв Скајрејс

 In Новости

Четвртото издание на највисоката планинска трка во Македонија, Титов Врв Скајрејс, ќе се одржи на 12.06.2022 година. Истата претставува натпревар во скајранинг (екстремна форма на планинско трчање: https://en.wikipedia.org/wiki/Skyrunning) и е во организација на Планинарскиот клуб “Македон“ од Скопје, а во соработка со Федерацијата за планинарство на С.Македонија. Натпреварот воедно е државно првенство на Македонија во скајранинг.

Стартот и финишот се на Попова Шапка (1750 мнв), а техничките карактеристики на трасата се 20 км со 2000 висински метри – зимската патека по гребенот до Титов Врв и назад. 

За членови на клубови при ФПСМ стартнината изнесува 600 денари (да се наведе клубот во пријавата), а покрај организациските трошоци, вклучува уште: електронско мерење на резултати, освежителни станици, метален финишер медал, бандана од настанот, награди за победниците.

Пријавувањето е отворено до 05.06.2022 или до пополнување на максималната бројка од 80 натпреварувачи.

Детали и пријавување на: https://makedon.mk/titov-vrv-skyrace/

Во прилог и водич за натпреварувачи. 

Претседател на Комисија за скајранинг – ФПСМ

             Александар Кирковски

 

ВОДИЧ ЗА НАТПРЕВАРУВАЧИ

1. За трката
Титов Врв Скајрејс претставува екстремна високопланинска трка со вкупна должина од 20 километар и висинска денивелација од 2000 метри (искачување и спуштање). Според своите карактеристики се дефинира како “скајранинг“ натпреварување, а теренот по кој минува е суров и на места каменест. Стартот и финишот на трката се на Попова Шапка 1750 мнв, а се искачуваат неколку врвови над 2500 мнв меѓу кои и највисокиот на Шар Планина, Титов Врв 2747 мнв.

Агенда на настанот
06:30 – 07:45 Подигнување на стартни броеви
08:00 Старт на трката

СТАРТ/ФИНИШ
Стартот и финишот се на Попова Шапка, пред пансионот “КОНАК“ кој се наоѓа веднаш до манастирот Св. Наум Охридски. Во прилог фото приказ за локацијата.

Опис на патеката
Со старт од пред пансионот “Конак“ најпрвин има благ спуст, а потоа патеката се движи по ски-стазата “Церипашина“ односно по зимската планинарска патека кон Титов Врв. Минува покрај куќарката на крајот од жичарницата и се искачува на Антени 2520 мнв каде се наоѓа првата контролна и освежителна точка. Успонот до овде е стрмен и континуиран. Од таму се продолжува по гребенот со наизменични делови на кратки искачувања и спустови преку Казани, Карабунар се до Бакардан 2704 мнв. Од таму има стрмен и каменест спуст до седлото кон Титов Врв. На седлото се наоѓа втората контролна/освежителна точка, од каде се продолжува кон Титов Врв 2747 мнв каде има само контролор. Потоа се спушта назад на седлото кај КТ2 и од таму враќањето е по истата рута по која се доаѓа преку Бакардан, Антени и Церипашина се до финишот пред пансионот “Конак“.

Препорачана опрема
Секој учесник потпишува изјава и учествува на сопствена одговорност, а организаторот не пропишува задолжителна опрема без која би следувале казнени минути или дисквалификација (секој натпреварувач потребно е со себе да има своја чаша/шише за да добие течност на освежителните точки). Но заради безбедносни и здравствени причини предлагаме листа со строго препорачана опрема која очекуваме натпреварувачите да ја почитуваат бидејќи се работи за високопланински терен каде опасностите се зголемени.

  • Течност со најмалку 1 литар волумен
  • Енергетски резерви (чоколадо, суво овошје итн)
  • Вклучен мобилен телефон со полна батерија
  • Шушкавец или ветроотпорна јакна
  • Астро-фолија, Очила, Крема за сонце

Може да ви бидат корисни и капа очила за сонце, марама/бандана, планинарски стапчиња.

Маркација
Маркацијата на патеката ќе биде со црвено-бели ленти поставени на метални стапчиња или на ниска вегетација од треви и грмушки. На делови ќе има постоечка црвено-бела планинарска маркација на камења.

Контролни и освежителни станици
Ќе има две освежителни станици долж патеката, а на истите натпреварувачите ќе поминат по два пати. Истите ќе бидат снабдени со вода, солени и благи грицки. Поради непристапноста на теренот секоја од нив ќе биде ограничена на разумна количина на течност и храна по натпреварувач. Имајте го ова во предвид при планирање на залихите на течност кои ќе ги понесете со себе!
Контролори ќе има на КТ1 Антени, КТ2 Седло и Титов Врв. Стартните броеви треба да бидат јасно истакнати на предната страна.

Временски лимит
Временски лимит на КТ2 (9 км – седло под Бакардан) ќе биде 3:15 часа, а временски лимит за завршување на трката 7:30 часа.

Категории
Апсолутна (генерален пласман мажи и жени)
Ветерани (50+ возраст)

Награден фонд во генерален пласман (мажи и жени)
Дополнително ќе биде објавен

Препорака: Бидете на стартот најмалку 45 минути пред почетокот на трката.
Задолжително прочитајте го протоколот за заштита од Ковид-19. Сите натпреварувачи се обврзуваат дека ќе го почитуваат во целост, во спротивно е предвидена дисквалификација од страна на организаторот.
Во случај на неповолна временска прогноза можни се измени на трасата или временските лимити, а сите натпреварувачи се должни да се придржуваат до насоките и одлуките на организаторот на трката.

Recent Posts
Contact Us

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Not readable? Change text.

Start typing and press Enter to search