EUMA

 

ЕУМА (European Union of Mountaineering Associations - EUMA) е гласот на европските планинари и се стреми да го вклучи планинарењето во приоритетите на Европската Унија како важен фактор за поквалитетен живот и да биде партнер во дијалогот со институциите на Европската Унија на тема планинарење.

Во ЕУМА (https://www.european-mountaineers.eu/) членуваат 27 асоцијации од 25 европски земји: Албанија, Австрија, Словенија, Велика Британија, Белгија, Хрватска, Чехиа, Франција, Германија, Грција, Италија, Лихтенштајн, Луксембург, Северна Македонија, Малта, Кипар, Црна Гора, Србија, Норвешка, Полска, Романија, Холандија, Словачка, Шпанија, Босна и Херцеговина.

Во овие асоцијации се зачленети 2.889.598 планинари, кои се движат по планински патеки во должина од 160.000 км, можат да престојуваат во 2878 планинарски објекти и можат да качуваат карпи на 4.335 локации.

Раководството на ЕУМА го сочинуваат (април 2022) Roland Stierle (German Alpine Club), Претседател, Jan Bloudek (Czech Mountaineering Federation), заменик Претседател и тројца потпретседатели: Ingrid Hayek (Austrian Alpine Club), Juan Jesús Ibáñez Martín (Spanish Mountain Sports and Climbing Federation) и Bojan Rotovnik (Планинарски сојуз на Словенија)

Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ), е една од членките основачи на ЕУМА.

ФПСМ учествува во проектот „EUMA - подобрување на доброто владеење во качувањето карпи и планинарењето во Европа“, поддржан од програмата на Европската Унија, Erasmus+ која поддржува образование, обуки, млади и спорт во Европа. Проектот трае 3 години (од 2020 до 2022) и во него учествуваат пет национални планинарски сојузи, 2 европски планинарски асоцијации и еден Универзитет:

  1. Чешкиот планинарски сојуз (CUNI)
  2. Германскиот планинарски сојуз (DAV)
  3. Австрискиот планинарски сојуз (ÖAV)
  4. Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ)
  5. Планинарскиот Сојуз на Словенија (PZS)
  6. Европска Унија на планинарски асоцијации (EUMA)
  7. Европската пешачка асоцијација (ERA)
  8. Карловиот Универзитет од Прага, Чешка Република.

Главна цел на проектот е одредување и имплементирање на принципи на добро владеење при пешачењето, планинарењето и качувањето карпи на ниво на ЕУ. Работата е организирана во три работни групи: за патеки, за планинарски домови и за качувачки локалитети, кои се идентификувани како основна инфраструктура за качување карпи и планинарење во Европа. За трите теми се идентификувани проблемите, добрите и лоши искуства, како и предлог решенија, а Карловиот Универзитет направи анализа на регулативите и на институциите на ЕУ поврзани со планинарењето и качувањето карпи. Во наредната фаза на проектот ќе биде изработена стратегија, база на податоци за потребите на ЕУМА и за јавна употреба, ќе се одржат обуки за претставници на асоцијациите на ЕУМА за имплементација на стратегијата и ќе биде изработена интернет страна со податоци за патеки, домови и качувачки локалитети.

Креирањето врски меѓу ЕУМА и соработниците на проектот со Европската Унија е дел од ширењето на активностите во проектот. Проектните активности главно се фокусирани на мрежата на ЕУМА и со разгранување на активностите, националните сојузи се вклучуваат во меѓусебната комуникација, во образование на своите членови и во создавање структура за носење одлуки, со што можат да изградат своја локална структура, да споделуваат информации и да ангажираат и други заинтересирани субјекти. Резултатите од проектот ќе бидат имплементирани не само во 27 членки на ЕУМА, туку и пошироко, во другите земји на европскиот континент.  

https://www.european-mountaineers.eu

Share This: