За МЕНТОРИ на приправници за планинарски водичи при ФПСМ
Врз основа на член 51, став 1, алинеја 12 од Статутот на Федерацијата за Планинарство на Северна Македонија, Претседателството на Федерацијата за Планинарство на Северна Македонија на ден 18 септември 2025 година донесува:
ПРОТОКОЛ
За МЕНТОРИ на приправници за планинарски водичи при ФПСМ
Терминот „ментор“ употребен во овој протокол претставува регистриран водич на ФПСМ кој има иста или повисока категорија од категоријата што ја стекнал приправникот на приправничката акција. Менторот ја извршува функцијата ментор на приправникот на приправничката акција. Процесот на менторирање на приправничките акции е сериозен процес со кој обуката за идни водичи во планина се заокружува во една едукациска целина која е особено важна во промовирање на нови, добро подготвени и зрели планинарски кадри.
Услови за стекнување со статус на Ментор
- Членство во планинарски клуб кое е член на ФПСМ,
- Стекнат назив на планинарски водич на ФПСМ,
- Важечка лиценца за планинарски водич,
- Најмалку 5 водења на акции во услови на А стандард во текот на една година по стекнување на лиценца за водење акции од А стандард,
- Најмалку 3 водења на акции во услови на Б стандард во текот на една година по стекнување на лиценца за водење акции од Б стандард,
- Покажано високо ниво на знаења, вештини и искуство во водичката дејност,
- Способност за пренос на знаења и вештини,
- Напредни комуникациски вештини, познавање на Правилникот за образование на ФПСМ и предметната програма,
- Пренос на знаења и вештини во согласност со Правилникот за образование на ФПСМ, Програмите за А и Б стандард, протоколите и препораките на КПВ,
- Учество на стручни семинари организирани од страна на КПВ.
- Потвда за извршен лекарски преглед од спортска медицина.
Менторите мора да:
- Ги потенцираат добрите страни на приправникот и да даваат насоки како истите да ги подобруваат,
- Бидат јасни и конструктивни во отстранувањето на пропустите кои ги прават приправниците ,
- Се грижат приправниците постојано да ја подобруваат својата работа.
- Биде опремен како што е опремен и приправникот во однос на опремата потребна за исполнување на задачите,
- Да се придржува до насоките на водичите во акцијата (Освен во погоре набројаните случаи за безбедно одвивање на акцијата),
- Во излагањето да биде позитивен и критичен,
- Да биде естетски пример за останатите планинари. Ништо не треба да виси од ранецот или телото на менторот како и на останатите планинари. Опремата се вади од ранец кога треба да се користи, а после користење треба да се спакува назад во ранецот,
- Однесувањето треба да биде балансирано. Не треба менторот да го превземе врз себе целото внимание од групата,
- При фотографирање, менторот треба да изгледа сериозно. Тоа не значи дека треба да биде лут или нерасположен.
- Обрне внимание на сите детали во текот на планирањето и изведувањето на акцијата.
Менторирање на акции
- Менторот се движи заедно со групата како и останатите членови но и внимава на однесувањето на приравникот како и на групата,
- Улогата на менторот е да процени дали приправникот е спремен самостојно да води група. Присуството на менторот во никој случај не треба да биде доминатно пред групата и истата да стекне впечаток дека тој е „главен“ и да ја превзема иницијативата на приправникот водич,
- Со своето присуство менторот не треба да го девалвира водењето на групата наприправникот, туку да му помогне во напредувањето во процесот на школување,
- Приправниците водичи, треба да ја добијат моралната подршка токму од менторите и така да станат посигурни во водењето група,
- Сите забелешки и сугестии менторот треба да му ги каже дирекно на приправникот без да забележи групата и со тоа да му укаже како да го подобри водењето на група.
Повторување на акција
1) Менторот може да предложи повторување на акција доколку смета дека на тековната акција биле направени сериозни пропусти во безбедноста, водењето или (не)поседување на опрема од страна на приправникот водич.
- Доколку групата или дел од истата се изгуби (оддели) во текот на акцијата.
- Доколку водењето на приправникот води кон небезбедна ситуација за поединци или за цела група. Менторот мора да укаже, да ја спречи опасноста и да предложи повторување,
- Доколку при водењето се промаши правецот или патеката на движење, и приправникот не е свесен и не ја исправа грешката,
- Доколку приправникот не поседува дел од опремата која е должен да ја има (челна ламба, компас и комплет за прва помош),
- Доколку приправникот не поседува дел од опрема која му е потребна за изведување на активностите зададени од КПВ. На пример, од КПВ е наложено да се изработи вертикална ограда, а приправникот нема водичко јаже,
- Доколку приправникот дозволи злоупотреба на Алкохол или психотропни супстанции.
Одржување на предавање
1) Барање за одржување на дополнително предавање е педагошка мерка со која приправникот ќе се „мотивира“ да ги научи постапките кои не ги владее доволно добро.
- Доколку приправникот повторува иста грешка повеќе пати во текот на акцијата,
- Доколку приправникот не може самостојно да изведе активност или дел одактивноста зададена од КПВ или менторот,
- Доколку менторот смета дека кандидатот нема доволно познавање од тема зададена од КПВ.
Преодни и завршни одредби
Комисијата за планинарски водичи е одговорна за толкување на протоколот и за решавање по судир на норми. Овој протокол за ментори на приправници за планинарски водичи при ФПСМ стапува на сила 8 дена од објавувањето на веб страница на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија.
ФПСМ
Претседател
Зоран Читкушев


