УПАТСТВО – БЕЗБЕДНО НА ПЛАНИНА ВО ЛЕТО

За безбеден престој на планина треба да се почитуваат одредени правила. Во продолжение прочитајте важни напомени за посетителите на планините.

ПЛАНИРАЈ И СООПШТИ
• Пред тргнување на планина кажете некому каде ќе одите и кога планирате да се вратите.
• Информирајте ги луѓето во планинските домови и хотели патем каде ќе одите и кога планирате да се вратите.
• Планирањето на турата е безбедно планинарење. Планинарењето без план е опасно. Прилагодете ја турата според учесниците.
• Проверете ја временската прогноза ( https://uhmr.gov.mk/ )
• Најдете топографска карта од регионот и вцртајте ја патеката по која ќе се движите.
• Користите апликации со патеки на Вашиот мобилен телефон само како помош, а не како главно средство за движење.
• На планина тргнете наутро. Попладне има можности за појава на невреме.
• Отпадоците од храна и пијалоци вратете ги дома и рециклирајте ги.
• Засолништата на планина се прават за преживување, а не за забава.
————————————————————————————————

ОПРЕМА
На планина одите со полувисоки или високи планинарски чевли со квалитетен ѓон. Сандалите, спортските патики и другите лесни обувки може да предизвикаат проблеми. Најчеста причина за несреќа на планина е излизгувањето, а тоа се случува поради несоодветни обувки, неискуство, умор!
На планина се тргнува со ранец во кого има задолжителна планинарска опрема, независно дали турата е планинарска, тркачка или велосипедска:
• Личен комплет за Прва помош.
• Челна светилка и резервни батерии.
• Алуминиумска фолија или голема црна вреќа или бивак вреќа (за топлинска заштита во случај на несреќа или непланирано бивакување).
• Мобилен телефон со полна батерија (исклучете ја функцијата „Пренос на податоци“).
• Планинска топографска карта и компас. По можност и ГПС уред.
• „Железна резерва“ (храна која има високоенергетска вредност, долготрајност, мала тежина).
• Доволно количество течности (безалкохолни изотонични пијалоци).
Не заборавајте заштита од сонце, ветер, студ (топла облека, ракавици и капа). На планина се случува да заврне снег и на лето и да се спуштат температурите под нулата.
ВАЖНО! Треба да знаете да ја употребувате планинарската опрема што ја носите.
————————————————————————————————

ПЛАНИНАРСКИ ПАТЕКИ
Планинските патеки најчесто се означени со црвено бели ознаки и со патокази.
Не продолжувајте ако не можете да ја најдете следната ознака. Вратете се назад до последната ознака и внимателно побарајте ја следната.

НЕ ПЛАНИНАРИТЕ ПО БЕСПАТЈА!

НЕ ПРОДОЛЖУВАЈТЕ ДА СЕ ДВИЖИТЕ ПО НЕПОЗНАТ ТЕРЕН!
————————————————————————————————

АКО СЕ СЛУЧИ НЕСРЕЌА
Во случај на несреќа, веднаш побарајте го бројот 195 – Центар за управување со кризи.
Известете ги КОЈ бара, КАДЕ се случила несреќата, КОГА се случила несреќата, КОЛКУМИНА се повредени, КАКВИ се повредите, КАКВА помош ви е потребна.
ВАЖНО!
• Останете присебни и мирни. Со тоа се смируваат и учесниците во турата. Оценете ја ситуацијата и заштитете се себе и учесниците од непосредни опасности.
• Понудите прва помош согласно своето знаење и способност.
• Очекувајте помошта да стигне за неколку часа, бидејќи спасувачката служба доаѓа со тешка опрема, а лошото време и ветерот не дозволуваат полетување на хеликоптерот. Редовно освежувајте го знаењето од Прва помош и секогаш носете задолжителна планинарска опрема!
Алкохол и цигари не носете на планина!

Contact Us

We're not around right now. But you can send us an email and we'll get back to you, asap.

Start typing and press Enter to search