ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА ЕУМА – ЕВРОПСКАТА УНИЈА НА ПЛАНИНАРСКИ АСОЦИЈАЦИИ

На 9 октомври 2021 година, во Прага, Чешка Република,, беше одржано Генералното Собрание на Европската унија на планинарски асоцијации ЕУМА (EUMA). ЕУМА е покривна организација на планинарски асоцијации од 27 земји со скоро 3 милиони членови. Таа е гласот на европските планинари и се стреми да го вклучи планинарењето во приоритетите на Европската Унија како важен фактор за поквалитетен живот.

На Собранието активно учествуваа претставници од земјата домаќин Чешка Република, како и претставници од уште 23 членки (асоцијации, земји), меѓу кои и од ФПСМ. Претставници од Македонија учествуваа Проф. др. Јовица Угриновски, Претседател на ФПСМ, Горан Николоски, член на работната група Домови во рамките Еразмус + проектот, како и  Владимир Трповски, Претседател на Македонската спортско качувачка федерација, нова членка на ЕУМА.

Беа презентирани податоци за тековниот проект Еразмус + проект во кого учествува и ФПСМ. Беа договорени наредни активности: експедиција на Арарат во 2022, поблиска соработка на БМУ со ЕУМА, како и одржување на наредното Собрание во Скопје, на почетокот на мај 2022 година. На Собранието беа ре-избрани Претседателот Роланд Штирле и четворица потпретседатели: Јан Блоудек од Чехија, Ингрид Хајек од Австрија, Бојан Ротовник од Словенија и Хуан Ибанез Мартин од Шпанија. Беа избрани уште 2 нови члена на ЕУМА, планинарската асоцијација од Луксембург и Македонската спортко качувачка асоцијација. На Собранието се разговараше за средбите на ЕУМА во Брисел, за соработката со други европски невладини организации, за долгорочните цели на ЕУМА, за седиштето на ЕУМА, за припојувањето на CAA (Club Arc Alpin) во ЕУМА и за наредното Генерално Собрание на ЕУМА во мај 2022, во Скопје.

На попладневната сесија на Собранието беа одржани три паралелни работилници за Домови, Патеки и Качувалишта, делови од проектот Еразмус + „EUMA – подобрување на доброто владеење во качувањето карпи и планинарењето во Европа“. Беа презентирани прелиминарни резултати од анализата на собраните податоци.

Неколку интересни податоци презентирани на Собранието:

  • На европскиот континент има 160.000 километри обележани патеки.
  • Во 14 земји на европскиот континент има 1672 планинарски домови.
    • Во Италија има 374 планинарски домови, во Хрватска 160, во Грција 68, во Македонија 19, а во Холандија 1. Во Чешката Република нема ниту еден планинарски дом.
    • Германскиот планинарски сојуз DAV е сопственик на 183 планинарски домови во Австрија, и на по еден планинарски дом во Франција и Швајцарија. Планинарскиот сојуз на Австрија OEAV е сопственик на еден планинарски дом во Белгија.
  • На европскиот континент има 4300 качувалишта на карпи.
  • Планинарството во Словенија директно влијае во националниот ГДП со 27 милиони евра годишно, а индиректно, со мултипликаторни ефекти, со 219 милиони евра.

Share This:

Posted in Новости.