Совет : Употреба на мобилни телефони во планина

Денешниот живот не би можеле да го замислиме без мобилни телефони кои имаат широк спектар на употреба. Во населените места и по главните сообраќајници покриеноста со сигнале е многу добра, но во ненаселените краеви и по планините покриеноста е послаба, а на одредени места нема никаков сигнал. Во тој случај треба паметно да ракуваме со мобилниот телефон.

Актуелните технологии на мобилни телефони може да се искористат и при посета на планина. И тоа:

  • Во функција на безбедност:
    • Да повикате спасителна служба (информирајте се за бројот пред да започнете со планинарската акција).
    • Да повикате полиција (192).
    • Да повикате Противпожарна служба (193).
    • Да повикате брза помош (194).
    • Да го повикате Центарот за управување со кризи (195).
    • Да испратите GPS координати каде што се наоѓате.
  • Во функција на разонода:
    • Да се јавите кај блиските/саканите.
    •  Да направите убави фотографии.

Запомнете: Безбедноста доаѓа на прво место, па користењето на мобилните телефони на планина секогаш подредувајте го на оваа функција.

1. Генерално за мобилните мрежи

Покривањето на одредено географско подрачје се сигнал од некоја мобилна мрежа (телекомуникациска мрежа од некој мобилен оператор) се остварува преку инсталирање на базни станици. Секоја базна станица покрива одредена територија со GSM сигнал, а мобилните мрежи (GSM, 2G, 3G, 4G) користат два фреквентни опсега: 900 MHz и 1800 MHz. Простирањето на сигналот со вакви фреквенции од базната станица до мобилниот телефон се одвива праволиниски. Дополнително, сигналот заради својата фреквенција и моќност, не може да помине низ големи природни препреки (како планини, ридови, долини, клисури, итн.) или пак низ згради направени од бетон и железо и сл. Теоретскиот домет на една базна станица во рамничарско подрачје без природни препреки е круг со радиус од околу 35 км. Во планинските предели и градски подрачја овие растојанија се значително помали поради конфигурацијата на теренот. Најголем број од базните станици се поставени во населените места (заради густината на населението), а помал број во планиските и слабо населените места.

1. Покриеност на планински подрачја со сигнал од мобилна мрежа

Од погоре изнесените причини, во планинските подрачја може да се очекува послаб квалитет на мобилните услуги во споредба со населените места, а честопати во одредени со подрачја воопшто нема покривање (доколку областа е во сигнална “сенка” на некоја природна препрека). Исто така можни се ситуации во кои телефонот покажува високо ниво на сигнал од мобилната мрежа, но не постои можност за воспоставување на повик (во случај кога базната станица е премногу далеку).
Дополнително, можни се ситуации во кои се јавуваат изобличувања на говорот или пак прекини (периодични или комплетни) на веќе воспоставена комуникација, посебно во ситуации кога се движите за време на разговорот.
Пред почетокот на планинарската акција, препорачливо е организаторот и учесниците да ја посетат интернет страната на Агенцијата за електронски комуникации на која има мапи на покриеност со сигнал од сите мобилни оператори во Република Македонија. Мапите редовно се обновуваат.
http://www.komuniciraj.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=54&Itemid=269
Напомена: Мапите на покривање се комјутерски генерирани со помош на специјални алатки за симулација на покриеност на дадено географско подрачје. Вистинската ситуација на терен може да се разликува од претставената на мапите, како резултат на конфигурациајта на теренот околу Вас во микро локацијата во која се наоѓате.

2. Воспоставување на повик, комуникација

При користење на телефонот за воспоставување на говорна комуникација имајте во предвид:

  • Изберете место каде што сигналот е доволно јак.
  • По можност застанете додека комуницирате; бидете во заветрина.
  • Комуницирајте кратко и јасно.
  • Доколку барате помош, пред воспоставување на повикот подгответе ги информациите за да може да бидете кратки и концизни (на пример GPS координатите, опис на локацијата каде што се наоѓате, итн.)
  • При повик кон броевите 192 (Полиција), 193 (Противпожарна служба), 194 (Брза помош), (195 (Центар за управување со кризи) важно е врската да биде стабилна, затоа пронајдете место со добар квалитет на сигнал. Бидете во мирување и во заветрина. Зборувајте директно во микрофонот (по потреба поместете го телефонот од увото).
  • При повик на 192 (Полиција), 193 (Противпожарна служба) и 194 (Брза Помош) ќе бидете автоматски пренасочени на најблиската Полициска станица, Противпожарна служба или Служба за брза помош. Мобилните оператори имаат обврска да ја обезбедат оваа услуга.
  • Сите оператори се законски обврзани на корисниците да им овозможат бесплатен пристап до броевите на службите за итни повици (192, 193, 194, 195), а во иднина и до единствениот европски број за итни повици 112.

3. Капацитет на батеријата на мобилниот телефон

Периодот во кој може да го користите телефонот зависи од капацитетот на батеријата на телефонот, типот на телефонот, активираните услуги и општото користење во периодот додека сте на планина. Имајте ги во предвид следните работи:

  • Капацитетот на батеријата значително се намалува со намалување на температура на која е батеријата.
  • Најголем потрошувач на батерија на мобилниот телефон е дисплејот. Колку подолго е вклучен екранот, толку побрзо се празни батеријата.
  • Користење на 3G и 4G мрежи значително влијае на намалување на моменталниот капацитет на батеријата.
  • Колку е поголем бројот на активни апликации на телефонот толку е побрзо празнењето на батеријата.
  • Важно да го бидете свесни за моменталниот капацитет на батеријата на телефонот кој го носите со себе (искуствено), посебно во ситуации кога планирате да престојувате на планина повеќе денови, без пристап до електрична мрежа.
  • За испраќање на СМС порака е потребен послаб сигнал и помалку стабилна мрежа. Доколку се наоѓате во такво продрачје, користете СМС. Бидете прецизни и концизни во комуникацијата.

4. Препораки

  • На планинарска акција тргнете со полна батерија на мобилните телефони.
  • Во зимски услови, носете го телефонот блиску до телото (во внатрешен џеб на јакна, панталони итн.), со цел батеријата да биде на повисока температура.
  • Вклучувајте го само во ситуација кога е потребно да се јавите.
  • Во текот на повеќедневни акции или намалете го користењето на мобилниот телефони на минимум или исклучете го комплетно и вклучете го само во ситуација кога е потребно да се јавите.
  • Користите претежно 2G мрежа, доколку е достапна.
  • Исклучете ги сите апликации кои ви се активни, а непотребни на планина.
  • Понесете со себе надворешна батерија (external battery pack) како дополнителен извор на енергија, доколку примарната батерија брзо се празни. Надворешните батерии имаат неколкукратно поголем капацитет од внатрешната батерија на телефонот, но се потешки. Дополнително, постојат соларни полначи кои може да се искористат како дополнителен извор на енергија за користење на мобилни телефони или за полнење.
  • Некои постари модели мобилни телефони, на пример, од производителот NOKIA имаат можност да се вклучи резервна снага на батеријата со прискање на следните знаци и цифри: *3370#, *4720#, или слично. Мобилниот телефон ја полни резервната снага при првото следно полнење.

Автори: Горан Николоски, Мине Павловски

Recent Posts