ЗАВРШЕН СОСТАНОК НА РАБОТНИТЕ ГРУПИ ЕРАЗМУС +

 

 

На 1 – 2 декември 2022 година, во зградата на Германскиот планинарски сојуз (DAV) во Минхен, Германија, беа одржани последните состаноци во рамките на Еразмус + проектот „ЕУМА – подобрување на доброто владеење во качувањето карпи и планинарењето во Европа“, во кого ФПСМ имаше плодно учество. Во текот на двата дена, 40-на учесници во проектот од партнерските организации (германскиот, словенечкиот, чешкиот, австрискиот, македонскиот сојуз, од двете асоцијации ЕУМА и ЕРА – Европска пешачка асоцијација, како и претставници од други планинарски сојузи од цела Европа учествуваа  на состаноците на трите работни групи (Домови, Патеки и Качувачки локалитети), како и на пленарната седница со сите учесници. Во текот на состаноците, воведни зборови имаа Претседателот и Генералниот Секретар на ЕУМА, Роланд Штирле и Андреас Ашабер, претходниот Претседател на Германскиот планинарски сојуз Јозеф Кленер, кои ги претставија досегашните остварувања со проектот. Презентации на резултатите, но и на наредните чекори (обуки и стратегија) имаа и претседателите на Работните групи (Домови, Патеки и Качувачки локалитети), како и претставниците од италијанската компанија која ја изработуват интернет страната на ЕУМА и податочната база со илјадници планинарски домови, планинарски патеки и качувачки локалитети низ Европа.

Дел од вредните резултати кои произлегоа од проектот се: евидентирани илјадници планинарски домови и патеки и качувачки локалитети низ Европа, евидентирани техничките параметри и функционалности во домовите и направена нивна анализа, во соработка со ЕРА е испечатена брошура со карактеристики на обележување на патеки низ цела Европа, направена е анализа за статусот, трендовите и перспективите на планинарските домови во Македонија, одржани мултиплицирачки настани за домови, патеки и качувачки локалитети, итн.

Од страна на ФПСМ во проектот учествуваа: др. Снежана Трпевска, Симончо Симоновски, Живко Темелковски, Бобан Стефановски, Горан Николоски и Владимир Трповски од Македонската спортско качувачка федерација, како соработник на ФПСМ.

Share This: